ДОМА / Вести / Започнува Пилот проектот за далечинско отчитување на водомерите

Започнува Пилот проектот за далечинско отчитување на водомерите

ЈКП Дервен деновиве ќе започне со изведба на 1та фаза од Пилот проектот усвоен од страна на Управниот одбор на претпријатието за поставување на механизми за водомери со опција за далечинско отчитување на еден реон од градската водоводна мрежа. Доколку овој проект покаже успешни резултати, претпријатието ќе продолжи со неговата изведба и кај останатите реони од градската водоводна мрежа.

            Системот за далечинско отчитување на потрошувачката на вода значи и буквално читање на потрошувачката на вода во станбените објекти од далечина со помош на GPRS систем односно безжичен радиосистем.

            ЈКП Дервен има идеја овој проект да го изведе во три фази.

Во првата фаза 130 водомери со далечинско отчитување пробно ќе се постават во Нова населба на дел од  ул. Лазо Осмаков, Пајак Планина, Мирка Гинова, Осма Велешка Бригада и Костурска. Овој реон е избран бидејки претставува целина.

Работните активности од првата фаза на пилот проектот вклучуваат демонтажа на постоечките водомери и замена на механизмите со механизми приспособени за далечинско отчитување.

Во втората фаза од проектот на водомерите ќе се инсталира модулот со читач и радиопредавател кој за секој корисник ќе има идентификациски податоци. Идентификацијата вклучува име и презиме на корисникот, адреса, број на шифра на водомер и др. податоци за секој корисник одделно. Движејќи се по улицата, инкасантот во мини компјутерот ги добива сите податоци и состојби на корисниците кои се во опсег  на читачот. Значи, користењето на овие водомери, вклучува и надградба со радиомодули и миникомпјутери за инкасантите,  како и софтвер кој ја поддржува постоечката софтверска програма на претпријатието.

Замената на постоечките механизми за водомери со механизми за далечинско отчитување  (водоинсталатерските работи) би се завршиле за приближно 20 работни дена (односно првата фаза од проектот), а инсталацијата на модулите и програмирањето (втората фаза од проектот) за приближно 16 работни дена и 5 дена  пробна работа.

Во третата фаза од проектот ќе се изработи евалуација на резултатите од примената на новиот систем на отчитување. Зависно од евалуацијата ќе се премине на понатамошна изведба на проектот и кај останатите реони од градската водоводна мрежа.

Многу земји во ЕУ и надвор од неа се веќе вклучени во проекти со водомери со далечинско отчитување на ниво на демонстрација или на пошироко ниво. Постојат голем број на придобивки од примената на овие, таканаречени „паметни“ водомери.

  • Една од предностите на примената на механизмите за водомери со далечинско отчитување е во тоа што инкасантите од ЈКП Дервен ќе можат за само неколку минути, од далечина, да измерат состојба на водомерите кај цела станбена зграда.
  •  
  • Со во­ве­ду­ва­ње­то на овој си­стем ќе се овоз­мо­жи чи­та­ње на сме­тки­те се­кој ме­сец, а не ка­ко до­се­га, три­па­ти во го­ди­на­та.
  •  
  • Исто така, ќе се заштити приватноста на корисниците, заради тоа што нема да има потреба инкасантите да влегуваат во становите и таму да ја утврдуваат состојбата со потрошената вода.
  •  
  • Уште една предност е тоа што во случај на оштетена инсталација и постојан проток на вода, овие механизми веднаш ќе дадат сигнал, по што инкасантите ќе можат да ги алармираат корисниците дека нешто не е во ред со нивната куќна инсталација и ќе се постигне да се намали непотребно потрошената количина на вода кај корисниците.

 

Намерата на ЈКП Дервен е во иднина сите потрошувачи да се префрлат на овој нов систем за отчитување. Онаму каде веќе постојат водомери, претпријатието ќе изврши замена бесплатно, а онаму каде нема, се разбира, трошоците ќе ги сносат самите потрошувачи.

 

Првата фаза од пилот проектот ќе го чини претпријатието околу 120.000 денари.

Доколку проектот покаже успешни резултати, претпријатието оваа година ќе изврши замена на мехнизми за далечинско отчитување кај 2.000 водомери.

Доколку постоечкиот водомер не одговара на новиот механизам, претпријатието бесплатно ќе постави нов водомер кај корисникот а стариот ќе му го врати, при што новиот водомер ќе биде сопственост на ЈКП Дервен.

Исто така, проверете

Озеленување на градот

Деновиве РЕ Паркови и зеленило работи на хортикултурно уредување на повеќе локации во градот. Завршени …

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *