Постројка за третман на вода
Постројка за третман на вода – Како таа работи?
Како суровата вода се прочистува во постројката за третман на водата?
1. Примарна дезинфекција и оксидација
Во суровата вода се става озон (оксидација) и хлор што служат за уништување на микроорганизмите, бактериите и останатите вируси што можеби се присутни во водата.
2. Коагулација и флокулација
Суровата вода секогаш содржи цврсти честички, кои треба да се отстранат.
Коагулацијата е првиот процес и тој вклучува додавање на алуминиум сулфат во суровата вода. Моќни миксери ја мешаат оваа состојка во водата за период од околу 20 до 30 секунди, што предизвикува дестабилизација на цврстите честички.
Флокулацијата е групирање на дестабилизираните честички кои формираат потешки видливи честички нарачени „флок“. Овие честички стануваат се поголеми и потешки.
3. Седиментација (таложење)
Седиментацијата е најстариот познат метод за прочистување на водата и се користи веќе неколку илјадници години. Водата бавно тече во големи резервоари за таложење (таложници). Цврстите честички се таложат на дното на резервоарот каде формираат талог. Потоа талогот се отстранува од резервоарите.
4. Озонирање
По процесот на седиментација водата повторно се дезинфецира со помош на озон за да се постигне најголем степен на чистота на водата. Со овој процес се подобрува мирисот и вкусот на водата.
5. Филтрација
По процесот на озонирање, водата влегува во одделот со филтри, каде тече низ брзи гравитациски песочни филтри од фин кварцен песок. Преостанатите цврсти честички се отстрануваат со оваа фаза од процесот.
6. Дезинфекција со хлор
По процесот на филтрирање, водата се собира во резервоари за чиста вода каде се врши дезинфекција со мали количини хлор за да се обезбеди заштита на веќе прочистената вода од можно загадување во водоводната мрежа.
7. Третман со гасена вар
Пред водата да влезе во водоводната мрежа се додава гасена вар за да се подобри pH вредноста на водата за пиење. Така добиваме чиста и хигиенски исправна вода за пиење.