Закон за Јавни Набавки

Подоле во текстот се наведени дел од поимите, и нивното значење, извадени од законот за Јавни набавки, објавени од Бирото за Јавни набавки во Службен Весник – Број 24 од 1 февруари 2019 год.

Член1

Со овој закон се уредуваат начинот и постапките за јавни набавки, надлежностите на Бирото за јавни набавки, надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки и правната заштита во постапките за јавни набавки, како и правната заштита во постапките за доделување концесии и договори за јавно приватно партнерство.

Член2

Значење на поимите употребени во Законот
Одредени поими употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. „Договор за јавна набавка“ е договор склучен во писмена форма меѓу еден или повеќе економски оператори и еден или повеќе договорни органи чиј предмет е снабдување стоки, обезбедување услуги или изведување градежни работи;
  2. „Постапка за јавна набавка“ е постапка што ја спроведуваат еден или повеќе договорни органи, чија цел или дејство е купување или стекнување стоки, услуги или работи;
  3. „Договор за јавна набавка на стоки“ е договор за јавна набавка чиј предмет е набавка на една или повеќе стоки, преку купување веднаш, купување со одложено плаќање или изнајмување со или без опција за купување на стоката. Договорот за јавна набавка на стоки може да вклучува и услуги за нивно поставување и вградување;
  4. „Договор за јавна набавка на услуги“ е договор за јавна набавка чиј предмет е набавка на услуги, освен оние од точка 5 на овој став;
  5. „Договор за јавна набавка на работи“ е договор за јавна набавка чиј предмет е: а) изведување или проектирање и изведување работи поврзани со една или повеќе градежни активности; б) изведување градба или проектирање и изведување градба и в) реализација на градба со какви било средства, според барањата на договорниот орган, кој има одлучувачко влијание на видот или дизајнот на градбата;
  6. „Економски оператор“ е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи;
  7. „Понудувач“ е економски оператор кој поднел понуда;
  8. „Кандидат“ е економски оператор кој бара да учествува или е поканет да учествува во ограничена постапка, конкурентна постапка со преговарање, постапка со преговарање со објавување оглас, постапка со преговарање без објавување оглас, конкурентен дијалог или во партнерство за иновации;
  9. „Подизведувач“ е правно или физичко лице кое за понудувачот, со кој договорниот орган склучил договор за јавна набавка или рамковна спогодба, снабдува стоки, обезбедува услуги или изведува работи што се директно поврзани со извршувањето на договорот или рамковната спогодба;
  10. Тендерска документација“ е секој документ изработен од страна на договорниот орган или на кој упатува договорниот орган, а со кој се опишуваат или се утврдуваат елементите на одредена набавка или постапка, вклучувајќи го и огласот за јавна набавка, претходното информативно известување или периодичното индикативно известување кое се користи како замена за оглас за јавна набавка, техничките спецификации, описната документација, предложените услови на договорот, обрасците што ги пополнуваат кандидатите или понудувачите, информациите за општоприменливите прописи и сета дополнителна документација;
  11. „Прифатлива понуда” е понуда поднесена од понудувачот, која ги исполнува условите за утврдување способност, потребите и барањата на договорниот орган наведени во техничките спецификации и останатата тендерска документација, што е навремена, која нема невообичаено ниска цена, а чија конечна цена не ги надминува средствата обезбедени или кои може да се дообезбедат од договорниот орган согласно со овој закон;
  12. „Несоодветна понуда“ е понуда која не одговара на потребите и барањата на договорниот орган утврдени во тендерската документација без значителни промени;
  13. „Несоодветна пријава за учество“ е пријава за учество поднесена од кандидат кој треба да се исклучи бидејќи не ги исполнува условите за утврдување способност во постапката;
  14. „Централизирани набавни активности“ се активности што се извршуваат континуирано во еден од следниве облици: а) набавка на стоки и услуги наменети за повеќе договорни органи или б) доделување договори за јавна набавка или рамковни спогодби за стоки, услуги или работи наменети за повеќе договорни органи;
  15. „Помошни набавни активности“ се активности за поддршка на договорниот орган при вршење на неговите набавки, особено во следниве форми:

а) техничка инфраструктура која на договорниот
орган му овозможува доделување договори за јавна набавка или рамковни спогодби за стоки, услуги или работи и/или
б) советување во врска со осмислувањето или спроведувањето на постапките за јавни набавки;

во продолжение е линкот до целосниот текст од законот објавен во Сл.весник на 1.02.2019 год.

https://www.bjn.gov.mk/wp-content/uploads/2019/05/ZJN_Sluzben-vesnik_24-2018-od-01.02.2019.pdf

30.05.2021

Измена на Законот за јавни набавки

01.04.2019

Закон за јавни набавки

09.08.2018

Измена на Законот за јавни набавки