ЗАСТАРЕНИОТ ВОЗЕН ПАРК НА ЈКП ДЕРВЕН – ПРИЧИНА ЗА НЕМОЖНОСТ ЗА РЕДОВНО СОБИРАЊЕ НА СМЕТ ОД ДОМАЌИНСТВАТА
Недостатокот од инвестиции во обнова на возниот парк на комуналното претпријатие што се случуваше во изминативе десетина години го доведе претпријатието до ситуација да не биде во состојба редовно да извршува дел од услугите спрема корисниците. Поточно, станува збор за собирањето смет од домаќинствата.
Претпријатието во моментов располага со 9 автосмеќари, од кои функционираат само 2, и тоа оние со најмала запремнина – од 4м2, потоа 3 автоподигачи, од кои функционираат само 2, и 6 трактори, од кои функционираат само 4.
Поради немањето возила за собирање на смет во текот на изминатата ноќ (24.04.2019), односно неможноста да се испразнат контејнерите од 1,1м3 (постоечките функционални возила на претпријатието се преголеми за да пристапат во тесните градски улици), претпријатието денеска побара помош од соседните општини. Општина Чашка излезе во пресрет и обезбеди возило за ЈКП Дервен да може денеска во попладневните часови да го собере сметот од потесните улици.
Се работи на поправка и оспособување на возилата, по што ќе се нормализира собирањето на сметот од домаќинствата, но со цел да се отстрани проблемот, а не привремено да се реши, новото раководство на ЈКП Дервен има определба набавката на нови возила за собирање на смет за обнова на занемарениот возен парк да биде приоритет за претпријатието во периодот што следува.
Им се извинуваме на граѓаните на ненавременото обезбедување на услугата, со уверување дека ќе се вложат напори за трајно надминување на проблемот.
Со почит,
ЈКП Дервен