Известување 10.07.2009
Деновиве започна да се спроведува проектот изработен од страна на ЈКП Дервен и Локалната самоуправа на град Велес, а финансиран од Владата на Р. Македонија за времено ангажирање на невработени лица во вршење на јавни работи во општина Велес. 100 лица се ангажирани за период од шест месеци, кои се работоспособни, но невработени. Ова е еден од начините за борба против невработеноста. Невработените лица ќе се мотивираат за активно барање на работа и ќе стекнат искуство и вештини во вршење на јавни работи. Друга пак придобивка е подигнувањето на квалитетот на живот на граѓаните со тоа што ќе се подобрат комуналните услуги во општината: чистење, уредување и озеленување на општината. Јавното комунално претпријатие ќе добие помош со ангажирањето на дополнителни човечки ресурси во вршењето на комунални услуги.
Главните активности на овој проект се:
1. Расчистување и обновување на јавно зеленило за унапредување на јавната чистота во општината
– Уредување на Градскиот парк и зеленило
– Уредување на градските гробишта
– Чистење на населба Превалец
– Уредување на зелени површини пред станбени згради
– Чистење на пристапни патишта кон град Велес
– Еколошки активности: чистење на диви депонии, чистење на речни брегови и водотеци, уредување на крајбрежен појас на езеро Младост
– Зголемување на зачестеноста на чистењето на градските улици
2. Вршење јавни работи во образовните институции и јавните површини
– Фарбање и обновување на оградите на училишните дворови
– Фарбање и обновување на ракофати и огради во градот
50 лица се распоредени во РЕ Паркови и зеленило а 50 во РЕ Комунална хигиена. Моментално се работи на локацијата на Градскиот парк (чистење на површините од отпад, отстранување на прераснати грмушки и засадување на нови садници) и на ул. Вардарска (чистење и метење на улиците од отпадоци и прав). ЈКП Дервен учествува во проектот со свои возила, механизација и алат, како и стручна помош околу работната акција. Материјалот за хортикултурното уредување, ангажирање на дополнителна механизација и материјалот за фарбање ќе бидат обезбедени од буџетот на општина Велес.
За развојот на проектот и резултатите од неговиот прогрес граѓаните на Велес ќе бидат редовно известувани, а очекуваме резултатите од овој проект од кој најголема придобивка ќе имаат граѓаните да бидат наскоро видливи.