Велес ќе засади 26 јапонски украсни цреши во чест на Тоше Проески
Градот Велес ја прифати идејата на ЈП „Македонски Шуми“ за засадување на 26 садници од јапонска украсна цреша во чест на една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена – Тоше Проески, со што освен што ќе се разубави градот, симболично ќе се претстават неговите 26 години животен век за кои тој остави зад себе непроценливо богатство, љубов, верба и надеж. Оваа иницијатива има за цел прекрасната музика на Тоше, неговите хумани дела и вредностите што ги промовираше засекогаш да останат во сеќавањето на велешани. Изборот за засадување на цреша симболично ќе ги овековечи незаборавните стихови од неговата песна „Цреша“.
Идејата за оваа акција конкретно ќе биде реализирана од страна на ЈКП Дервен, кои ќе оформат хортикултурна целина од 26 садници јапонска украсна цреша во дворот на гимназијата „Кочо Рацин“ во централното градско подрачје, онаму каде младите најчесто се собираат и дружат.
Во моментов вработени од ЈКП Дервен работат на припрема на теренот и обезбедување на заштита за садниците. Со изведување на оваа акција Велес ќе се вброи во неколкуте градови во Македонија кои исто така ја прифатија идејата за овековечување на споменот за трагично загинатата македонска поп ѕвезда.