Градежен шут фрлен во контејнер за комунален смет во близина на театарот
Неконтролираното фрлање на градежен шут се почесто создава проблеми во тековното работење на ЈКП Дервен.
Граѓанската неодговорност во овој поглед е видлива на многу локации во градот и околината. Последниот пример на кршење на Законот за јавна чистота, со кој е забрането депонирање и фрлање на градежен отпад на јавни површини и во и околу контејнерите наменети за комунален отпад, е во близина на театарот Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Големо количество од градежни материјали и шут завршило во контејнерот што треба да им служи на граѓаните за депонирање на комунален отпад.
Случајот е пријавен кај Комуналниот инспектор при Општина Велес.
Според Законот за јавна чистота, не е дозволено градежниот шут што настанува при градење или реновирање на домовите, граѓаните и правните субјекти да го исфрлаат во контејнерите за комунален отпад. Овој тип на отпад треба да се депонира на депонијата за градежен шут, која се наоѓа на ул. Благој Ѓорев во н. Тунел.