РЕ Комунална хигиена го чисти „Потокот“
Денеска, на13.04.2011, РЕ Комунална хигиена започна со сезонската акција за чистење на отворениот канал на ул. Јане Сандански, наречен „Потокот“, што се спроведува повеќе пати годишно во согласност со Работната програма усвоена од страна на Советот на општина Велес.
Акцијата ќе трае три дена, а работните активности опфаќаат чистење на каналот од диво зеленило и насобран комунален смет и перење на истиот.
И оваа сезона проблем претставува фактот што несовесни граѓани го исфрлаат сметот од домаќинствата во каналот и за кратко време по чистењето тој се претвора во дива депонија од која се шири непријатна миризба и која претставува опасност за здравјето на луѓето. Детски играчки, пластични шишиња, стари обувки и облека, кеси полни со полураспадната храна и секаков отпад од домаќинствата беше насобраното ѓубре што утрово го затекнаа екипите на ЈКП Дервен. Во последната акција за чистење на каналот оваа есен беа собрани околу 15 трактори смет, по што непријатната миризба веднаш прекина. Но до кога?
Апелираме до граѓаните, во сопствен и во интерес на пошироката заедница, да допринесат за зачувувањето на здрава животна средина и да го оставаат сметот од домаќинствата на одредените места од каде екипи на ЈКП Дервен редовно го собираат комуналниот смет.