Комуналците го исчистија Потокот
На 16.04.2011 заврши акцијата на РЕ Комунална хигиена при ЈКП Дервен за сезонско чистење на отворениот канал на ул. Јане Сандански, наречен „Потокот“ што започна на 13.04.2011, а што се спроведува повеќе пати годишно во согласност со Работната програма усвоена од страна на Советот на општина Велес.
Работните активности опфаќаа чистење на каналот од диво зеленило и насобран комунален смет и перење на истиот.
И оваа сезона проблем претставува фактот што несовесни граѓани го исфрлаат сметот од домаќинствата во каналот и за кратко време по чистењето тој се претвора во дива депонија од која се шири непријатна миризба и која претставува опасност за здравјето на луѓето. Детски играчки, пластични шишиња, стари обувки и облека, кеси полни со полураспадната храна и секаков отпад од домаќинствата беше насобраното ѓубре што го затекнаа екипите на ЈКП Дервен. Во последната акција за чистење на каналот оваа есен беа собрани околу 15 трактори смет, по што непријатната миризба веднаш прекина. Но до кога?
Само еден ден по завршувањето на акцијата, во каналот веќе може да се најдат пластични шишиња и ѓубре.
Апелираме до граѓаните, во сопствен и во интерес на пошироката заедница, да допринесат за зачувувањето на здрава животна средина и да го оставаат сметот од домаќинствата на одредените места од каде екипи на ЈКП Дервен редовно го собираат.