30.11.2010
Градското зеленило претставува украс на сите градови во светот. Во царството на челик и бетон овие делчиња од природата го носат толку потребното освежување. Дрвјата, парковите, тревниците и другите зелени простори ја разубавуваат сликата на нашиот град.
За жал, несовесни граѓани континуирано ги крадат свежо засадените садници. Веќе станува редовна пракса новонасадените дрвца и цвеќе да се крадат од зелените површини и истите да завршуваат во приватни дворови.
Уште еден проблем за комуналците претставува штетата што ја предизвикуваат уличните кучиња кои деновиве уништија голем дел од новонасадениот цветен расад на повеќе локации од градот. Особено голема е штетата што тие ја предизвикале на локацијата кај кружниот тек, како што може да се види од приложените фотографии.
Апелираме до граѓаните во иднина да покажат повеќе свест и грижа за зеленилото со што ќе допринесат градот во кој сите живееме да биде поубав и поцветен.