СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
Со цел јавноста да биде точно информирана и да се избегне ширењето на дезинформации, реагираме на „веста“ што одредени „портали“ ја објавија во текот на денешниот ден, а во врска со доделувањето на механизација за бележење на хоризонтална сигнализација на користење на Јавното комунално претпријатие Дервен од страна на Општина Велес.
Неточно е дека Јавното комунално претпријатие Дервен не може да ја обавува дејноста наведена во Одлуката од Советот на Општина Велес со која се овластува Градоначалникот да склучи договор со претпријатието, односно да го задолжи претпријатието да врши обележување на сообраќајниците во општината користејќи ја новонабавената машина. Оваа Одлука е донесена едногласно од страна на советниците.
Вистината е дека во Централниот регистар на дејности во Р. Македонија, а тоа може да се види и од приложената Тековна состојба на претпријатието, дејноста за која сме задолжени од страна на Општина Велес спаѓа во дејностите под Шифра 42.99 – Изградба на други објекти од нискоградба, неспомнати на друго место и Шифра 43.99 – Останати специјализирани градежни работи, неспомнати на друго место.
Специјална шифра на дејност за „Обележување на хоризонтална сигнализација“ во Централниот регистар не постои.
Сите компании и претпријатија, приватни или државни кои се бават со оваа дејност – „Обележување на хоризонтална сигнализација“ во својата работа се повикуваат на горенаведените две шифри од Централниот регистар на дејности – Шифра 42.99 и Шифра 43.99.
Од сето ова очигледно е дека не постои законска пречка ЈКП Дервен да ја обавува дејноста „Обележување на хоризонтална сигнализација“, па затоа очекуваме порталите кои во напорите да обезбедат ексклузивитет заборавиле на новинарската етика и обврската да ја проверат информацијата пред да ја објават ќе ја повлечат оваа невистинита вест од своите веб страни и дека во иднина ќе се потрудат да бидат веродостојни, во интерес на своите читатели и пошироката јавност.
Во прилог објавуваме скенирана копија од Тековна состојба на ЈКП Дервен каде се наведени дејностите за кои претпријатието е регистрирано во Централниот регистар и кои ги опфаќаат шифрите на дејност спомнати погоре во текстот, извадок од Записникот од одржана седница на Советот на Општина Велес каде е запишано дека советниците едногласно ја изгласале Одлуката за доделување на користење на машината за обележување на хоризонтална сигнализација на ЈКП Дервен, а на следниот линк https://datakont.mk/nacionalna-klasifikacija-na-dejnosti/ може да се видат сите постоечки шифри на дејности во Централниот регистар на Р. Македонија.
Ги известуваме сите новинари дека ЈКП Дервен е секогаш на располагање да одговори на сите новинарски прашања и работи транспарентно и дека доколку овие новинари постапеле професионално ќе добиеле одговор од наша страна и лесно ќе ги воочеле фактите, наместо да ја доведуваат јавноста во заблуда.



АКЦИЈА ЗА СОБИРАЊЕ НА ГАБАРИТЕН ОТПАД
Во периодот од 15 Август до 19 Август и од 26 Септември до 30 Септември годинава ќе се спроведе акција за собирање на габаритен отпад од домаќинствата.
Оваа услуга е бесплатна за граѓаните.
Сите заинтересирани граѓани можат да се пријават во сектор Комунална хигиена секој работен ден од 07.00 до 15.00 часот на следниов број:
043/233-768
Ги замолуваме граѓаните габаритниот отпад да не го изнесуваат на јавни површини и да не го оставаат до контејнерите за отпад без претходно да договорат термин за собирање.
Во габаритен отпад спаѓа:
Мебел, делови од мебел, душеци, прозорски заштитни решетки, кујнски елементи.
Санитарии – кади, туш кабини, корита, завеси, мијалници, тоалет шољи, славини за вода, огледала.
Градинарска опрема – огради, врати, градинарски алат и машини, садови за цвеќе, клупи.
Друг габаритен отпад – ролетни,тенди, врати, прозори, прозорски рамки, велосипеди, радијатори, тапети, играчки и детски колички, како и дрвена амбалажа.
Ноќното собирање на смет се укинува, се воведува дневно собирање на смет
Ги известуваме граѓаните на Велес дека согласно Одлука донесена од страна на Советот на Општина Велес, од 18.04.2022 година, ЈКП Дервен ќе врши дневно собирање на смет, два пати неделно, шест дена во неделата (од понеделник до сабота) вклучувајќи и државни празници, а во централното градско подрачје и по главните сообраќајници секој ден, во периодот од 7.00 до 14.00 часот (понеделник – петок) и во сабота од 7.00 до 12.00 часот. Во централното градско подрачје и долж главните сообраќајници собирање на смет ќе се врши и дополнително од 17.00 до 22.00 часот.
Се замолуваат граѓаните сметот да го изнесуваат во периодот од 6.00 до 7.00 часот во деновите определени за собирање на смет.
Известување за склучување договори за собирање и транспорт на смет
Се известуваат сите правни и физички лица дека почнувајќи од 01.02.2022 година, потребните документи за склучување на договор за собирање и транспортирање на комунален и комерцијален отпад треба да ги доставуваат во архивата на Управната зграда на ЈКП Дервен.
Вонредна акција за чистење на Потокот (25.11.2021)
Денес по налог на Директорот на ЈКП Дервен Горан Наунчев се започна со вонредно чистење на улиците во месноста викана „Потокот“, како и чистење на самиот поток кој во овој момент е исклучително загаден со смет и отпадоци од домаќинствата.
Во оваа акција се вклучени над 40 работници, со цел што побрзо да се исчисти оваа месност и при пообемни врнежи да не дојде до поплавување на станбените објекти.
Затекната е состојба на Потокот која предизвикуваше поплавување на улицата. Денеска се чистеше се до игралиштето. Исчистени се критичните точки и насобраниот смет. Акцијата ќе продолжи во наредните денови на потегот до градскиот пазар, односно се додека комплетно не се исчисти оваа локација.
Чистење на атмосферската канализација и шахти (25.11.2021)
Денес (25.11.2021 година), после најавите за дождливо време во наредните денови, ЈКП Дервен започна со чистење на атмосферската канализација и шахтите на места кои се критични во случај на порој.
Завршни активности на ул. Благој Јосмов
При реконструкцијата на 250м водоводна линија на улица Благој Јосмов на левата страна на градот, финансирана од проект на Европската банка преку Општина Велес, од страна на ЈКП Дервен заменети се сите куќни приклучоци и истите се поврзани на главната водоводна линија.
Исто така поставен е и надземен хидрант. Поставувањето на хидранти во овие делови на градот ќе продолжи при секоја можност за поставување на истите, се со цел да овозможиме услови за брза реакција на противпожарната единица при незгоди од пожар, особено во вакви средини каде тешко стигнува противпожарно возило.
Директорот на ЈКП Дервен денес ја посети оваа локација на која се работеше во изминатиот период и изврши увид на сработеното.
На крај останува обврската на фирмата “Делта пром” за завршните работи кои опфаќаат враќање на улицата во првобитната состојба.
Известување за промена на времето за собирање на комунален смет
Ги известуваме нашите корисници дека во текот на зимските месеци ЈКП Дервен почнува со собирање на смет еден час порано отколку во летните месеци, односно собирањето на комунален смет од домаќинствата наместо од 20.00 часот ќе се врши од 19.00 часот, па ги замолуваме граѓаните сметот од домаќинствата да го изнесуваат пред 19.00 часот, за да не се случи тој да не биде собран. Однапред благодариме.