Продолжува обновата на возниот парк на ЈКП Дервен
По неодамнешната набавка на два нови трактори наменети за собирање на смет по тесните градски улици, денеска возниот парк на ЈКП Дервен се проширува со ново возило – комбиниран камион автосмеќар со капацитет од 22м3, набавен со сопствени средства на претпријатието. Ова возило е наменето за собирање на смет од контејнери од 5м3, 1,1м3, пластични канти од 120л и собирање на смет во кеси од врата на врата.
Со пуштањето во употреба на ова возило ќе се зголеми ефикасноста на работата на службата за собирање на смет, каде примарен и крајно сериозен проблем претставува застареноста на возилата. Тие често се расипуваат, а со оглед на тоа дека одамна не се произведуваат, резервни делови за нив нема, што пак негативно влијае на ефикасноста на службата и навременото извршување на услугата собирање на комунален смет.